ПОЧУВСТВУВАН ЗЕМЈОТРЕС ОХРИД 11.6
Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 05 часот и 36 минути беше почувствуван земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0. Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од жителите на градовите Охрид и Струга, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, Ве молиме пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112
Потсетување на земјотресот од 24.5.2009, Дојран - Кукуш
Нa 24 мај 2009 година, пограничното епицентрално подрачје Дојран-Кукуш беше погодено од серија земјотреси. Најсилниот земјотрес се случи во 16 часот и 17 минути UTC (Coordinated Universal Time) со Рихтерова магнитуда од 5.1 степени. Истиот беше почувствуван со максимален интензитет од 7 степени според EMSC-98. Истиот ден се случија уште 20-тина земјотреси со магнитуди кои варираа од 3.0 до 4.2 степени според Рихтер и најголем интензитет од 6 степени според EMSС-98. Постземјотресната активност продолжи и траеше уште неколку дена.
ПОЧУВСТВУВАН ЗЕМЈОТРЕС СКОПЈЕ 23.5.2026 ГОДИНА
Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 17 часот и 41 минута беше почувствуван земјотресот чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.5
Интензитетот на почувствуваниот земјотрес според податоците изнесува IV степени според Европската макросеизмичка скала.
ПОЧУВСТВУВАН ЗЕМЈОТРЕС ПЕХЧЕВО 11.4.2026
Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќва во 00 часот и 22 минути, беше почувствуван земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Делчево – Берово, 120 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML3.1. Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од жителите на градовите Пехчево, Берово и околината, со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Потсетување на земјотресот во Пехчево-Кресна од 4.4.1904г.
На 4 април 1904 година во 12 часот и 25 минути, пограничното подрачјето помеѓу Пехчево и Кресна (Р. Бугарија) било погодено од разорнувачки земјотрес со магнитуда од 7.8 степени според Рихтеровата магнитудна скала и интензитет од Х степени според EMSC-98. Ова е најсилниот земјотрес кој се случил на копнениот дел на Балкански полуостров. Најголемиот дел од населените места околу епицентарот биле целосно разурнати, куќите биле непогодни за живеење, поради што жителите живееле во шатори и колиби. Огромни материјални штети имало и низ целата држава како и во соседството, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, каде земјотресот бил почувствуван.
Бројот на загинати и повредени достигнал до околу 150 лица. Овој земјотрес се карактеризира со разни сеизмодеформации и тоа сеизмотектонски (воочливи раседи на површината на Земјата), сеизмогравитациони (одрони, клизишта и др.) и сеизмодинамички (појава на пукнатини на хоризонтални терени). Како позначајни може да ги издвоиме големите пукнатини кои ги предизвикал како во Пехчево, така и во сите останати места каде земјотресот бил почувствуван. Станува збор за широки и длабоки пукнатини, особено оние близу до епицентарот, чиј крај неможел да се види, луѓе се спуштале но не стасувале до дното, а одекнувањето од фрлен камен се слушало цела минута. Покрај пукнатините, истиот предизвикал и појава на ликвифакција (феномен при кој почвата под дејство на динамичкото влијание на земјотресот ги губи своите механички својства и добива особини на вискозна средина) и избивање на топла и ладна вода на повеќе места, некаде таа избивала од површината нагоре до 100м, некаде предизвикала поплави, а по одредено време истата изчезнала.
На главниот земјотрес му претходеле три умерено силни до силни земјотреси со магнитуди од 5.1 до 7.3 степени, а во афтершоковата (последователна) активност, која траела речиси две години, биле забележани уште 5 земјотреси, 3 во 1904 година и 2 во 1905 година со магнитуди од 5.4 до 6.5 степени според Рихеровата скала.
ПОЧУВСТВУВАН ЗЕМЈОТРЕС СКОПЈЕ 25.3.2026 ГОДИНА
Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес во 12 часот и 05 минути, беше почувствуван земјотрес од епицентралното подрачје Скопје. Неговата магнитуда изнесува 2.7 степени според Рихтеровата скала.
Земјотресот беше почувствуван во градот Скопје и околината со интензитет III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
ПОЧУВСТВУВАН ЗЕМЈОТРЕС Р. ГРЦИЈА, 25.3.2026 ГОДИНА
Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 20 часот и 8 минути во југоисточните делови на Републиката, беше почувствуван земјотресот чиј епицентар потекнува од Р. Грција, на околу 290 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML5.0
Интензитетот на почувствуваниот земјотрес според податоците изнесува III степени според Европската макросеизмичка скала.
Сеќавање на земјотресот во Мрежичко (Кавадарци) од 22.3.1910
На 22.3.1910 година, во 02 часот и 06 минути по локално време, во атарот на село Мрежичко, јужно од Кавадарци се случил разорен земјотрес со магнитуда МL=5,5 степени според Рихтеровата скала и интензитет I0=VIII степени според ЕМС-98. Од силината на земјотресот најмногу биле погодени селата Клинево, Рожден, Беглиште и Мрежичко каде куќите претрпеле значителни штети, а голем дел и наполно биле разрушени. Земјотресот бил почувствуван на територијата на цела Македонија, но и во градот Воден во Р. Грција. Овој земјотрес е досега најсилниот земјотрес забележан во Тиквешкиот регион.
Потсетување на земјотресот од 12.3.1960 – Тетово - Гостивар
На 12 март 1960 година, во епицентралното подрачје Тетово – Гостивар во 11 часот и 54 минути UTC (Coordinated Universal Time), се случил земјотрес со разорна магнитуда од 5.6 степени. Истиот бил почувствуван со максимален интензитет од 8 степени според EMSC-98 во населените места близу до епицентарот, а со интензитет 7 степени според EMSC-98 и помал во останатите делови од државата и надвор од неа. Земјотресот одзел еден живот, имало повеќе повредени и истиот предизвикал бројни материјални штети.
Земјотресот во Валандово на 8 март 1931
Пред 94 години на 8 март 1931 година, градот Валандово бил погоден од серија земјотреси. Од вкупно 22 умерено силни до силни земјотреси, кои се случиле на 7 и 8 март, два биле со магнитуда ML≥6.0. Едниот од нив воедно е и најсилниот досега познат земјотрес во овој регион, со магнитуда од 6.7 степени и длабочина на хипоцентарот од околу 16 km. Земјотресот бил почувствуван со максимален интензитет од X степени според EMSC-98.
За време на земјотресот од 1931 година биле оштетени околу 45 населени места, од кои 29 во најтесното епицентрално подрачје (регионот на Валандово) и 16 во неговата непосредната околина (регионот на Струмица). Во епицентралното подрачјето, 89% од градежниот фонд било уништено, додека во непосредната Валандовска околина е уништен 39%.