Сеизмолошката служба се состои од собирање и aнализа на инструменталните и макросеизмичките податоци за земјотресите.
Сегашната опрема на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје овозможува инструментална регистрација и локација на локални земјотреси со Рихтерова локална магнитуда () до околу нулата. Минималната магнитуда на земјотресите со максимална епицентрална оддалеченост (180 должински степени) кои можат да се регистрираат е околу 5.
Податоците од набљудувањата на земјотресите од целата Земјина топка и резултатите од нивната анализа се претставуваат во Сеизмолошки билтени, кои се вклучуваат во меѓународната размена на податоци: тие по електронска пошта се испраќаат до Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (European Mediterranean Seismological Centre − EMSC) (клик за линкот http://www.emsc-csem.org), Бријер ле Шател, Есон, Франција, до Меѓународниот центар за сеизмологија (International Seismological Centre - ISC) (клик за линкот http://www.isc.ac.uk/), Течам, Велика Британија, како и до Националниот центар за информации за земјотреси на САД, во Денвер, Колорадо (National Earthquake Information Center - NEIC). (клик за линкот http://earthquake.usgs.gov/regional/neic/ Во првиот центар, по електронска пошта, секојдневно се испраќаат податоците и анализите за земјотресите од Република Македонија и пограничните подрачја со Рихтерови локални магнитуди еднакви или поголеми од 2, . Овие центри, натаму, во сопствени сеизмолошки билтени, наменети за општа употреба, ги објавуваат податоците и резултатите на анализите од сите поединечни сеизмолошки институции, заедно со резултатите на своите анализи. Така, референцата на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје во светските сеизмолошки билтени е постојана.
Податоците од набљудувањата на земјотресите настанати на територијата на Република Македонија и пограничните подрачја се анализираат најдетално. Податоците и резултатите од анализата се претставуваат во Годишни каталози на земјотресите, а, посебно, локациите на епицентрите на земјотресите се претставуваат во Годишни епицентрални карти.
Со своето основање, Сеизмолошката опсерваторија во Скопје успева да ги добие макросеизмичките податоци за земјотресите од територијата на Република Македонија и околните подрачја што порано биле собирани од странските сеизмолошки институции и истражувачи. Така ваквите податоци во Фондот на опсерваторијата опфаќаат период од повеќе од 1500 години наназад. Во својот развој, опсерваторијата секогаш ги применувала актуелните макросеизмички скали и методи. За собирање на макросеизмичките податоци според ваквите скали, применувани се прашалници изработени во самата опсерваторија. Така, во периодот 1957–1966 г. употребувана е Меркалиевата скала (MCS), во периодот 1967–2000 г. применувана е Медведев-Шпонхоер-Карниковата скала од 1964 г. (MSK-64, MSK-1964) со нејзините модификации, а од 2001 г. се користи Европската макросеизмичка скала од 1998 г. (EMS-1998) (клик за линкот http://www.gfz-potsdam.de/portal/gfz/Struktur/Departments/Department+2/sec26/projects/previous_projects/06_seismic_vulnerability_scales_risk/EMS-98/EMS-98_language_versions). Како што е познато, сите овие макросеизмички скали имаат распон од I до XII степени, со тоа што првата (Меркалиевата) скала во описите на степените на интензитетот не ги зема предвид типовите на конструкции на градбите и нивната изведба, за разлика од другите две скали.
Во случај на земјотрес осетен на територијата на Република Македонија, oпсерваторијата врши брзо известување на јавноста, на републичките и градските служби и на институциите надлежни за известување и за давање помош за ублажување на последиците од земјотресите. Известувањата на oпсерваторијата притоа содржат податоци за локацијата, магнитудата, интензитетот и штетите од земјотресот. Според интересот на јавноста, во вакви случаи соработниците на oпсерваторијата даваат и подолги интервјуа.
Kога тоа го дозволуваат расположливите макросеизмички податоци, за земјотресите почувствувани на територијата на Република Македонија се изработуваат карти на изосеисти. Овие карти потоа се поместуваат во Годишните каталози на земјотресите, во Десетгодишните атласи на карти на изосеисти и во Архивата на карти на изосеисти за пооделни епицентрални подрачја.
При појава на посилен земјотрес во Република Македонија, опсерваторијата подготвува пообемен извештај, во којшто ги изнесува сите свои стручни и научни сознанија за земјотресот.
Годишните каталози, епицентрални карти и атласи на карти на изосеисти на земјотресите од територијата на Република Македонија и пограничните подрачја што ги изработува опсерваторијата се неопходни и неодминливи за секое сериозно истражување врзано за сеизмичноста и сеизмотектониката на територијата на Република Македонија и нејзините погранични подрачја.
Бројот на ваквите трудови од почетокот на работата на опсерваторијата до денес изнесува неколку стотици. Сите заедно, тие претставуваат огромен фонд на стручни и научни трудови на соработниците на опсерваторијата и база на сеизмолошки податоци од непроценливо значење.