Основање

Сеизмологијата и сеизмолошката служба во Република Северна Македонија, и покрај зна­чај­ната сеизмичка активност на подрачјето, почнуваат да се развиваат нешто подоцна од другите научни и технички дисциплини.

Најраниот поттик за основање сеизмолошка служба на ова подрачје потекнува, сепак, уште од 1949 г. Таа година, од Сеизмолошкиот завод во Белград (кој тогаш дејствувал ка­ко сојузен завод) и од неговиот долгогодишен директор проф. Јеленко Михајловиќ (1869-1956 г.), покрената е иницијатива за основање на неколку нови сеизмолошки станици, меѓу кои една во Скопје. Од странство се набавени и потребните инструменти. По тој повод, тогашниот Градски народен одбор на град Скопје, со писмо бр. 704 од 18.5.1949 г., се об­раќа до Сеизмолошкиот завод во Белград, барајќи да се изврши избор на локација за сеизмолошка станица во Скопје, а во консултација со компетентни струч­њаци (геолози и сеизмолози). Барањето е прифатено, во Скопје доаѓа проф. Јеленко Михајловиќ и, заедно со дру­ги стручњаци, одбира локација во Кисела Вода, на североисточните падини на планината Водно, на консолидирани палеозојски варовички стени, што би овозможило добивање квалитетни сеиз­мограми. Ме­ѓутоа, наскоро по ова, Сеизмолошкиот завод во Белград престанува да функционира како сојузен, продолжувајќи ја својата работа како републички (Србија). Поради тоа и кредитите што му биле дадени за нови сеизмолошки станици се запрени, а претходно наба­вените сеизмолошки инструменти биле складирани во неговите простории.

Основањето на сеизмолошка служба во Македонија повторно е актуелизирано во 1953 г., со предлогот за основање на неколку нови сеизмолошки станици на територијата на то­гашна Југославија, даден од Сојузниот извршен совет и од Советот за просвета и култура на НР Србија. Тогашниот Секретаријат за просвета на НР Македонија и Катедрата по фи­зика на тогашниот Филозофски факултет во Скопје го прифаќаат овој предлог. Тие ги одредуваат потребните финансиски сред­ства за изградба и за опрема на сеизмолошка станица во Скопје, а како локација ја посочуваат онаа што е претходно избрана од проф. Јеленко Михајловиќ. Советот за просвета и култура на НР Македонија, со писмо бр. 349 од 25.2.1954 г., го упатува предметот до Изврш­ниот совет на Народното собрание на НР Македонија, барајќи одобрување на потребните финансиски средства и препорачувајќи самата изградба на станицата и набавката на опре­мата да му се доверат на тогашниот Филозофски факултет во Скопје, имено на Ка­тед­рата по физика на овој факултет.

Во почетокот на 1954 г., Секретаријатот за просвета на НР Македонија и Филозофскиот факултет во Скопје ги испраќаат Ордан Печијаре (физичар) и Гиго Милески (географ) во Сеизмолошкиот завод во Белград, да ја преземат опремата која порано била наменета за сеизмолошката станица во Скопје. Тогашниот ректор на Универзи­те­тот во Скопје, проф. д‑р Марин Каталиниќ, покажува интерес за сеизмолошката станица и по­себно се залага за образованието на првите сеизмолози. Конечно, на предлог Универ­зитет­ската управа од 6.6.1955 г., Универзитетскиот совет, на своето заседание од 29.6.1955 г., донесува одлука со којашто се основа Сеизмолошката станица во Скопје, како установа при Уни­вер­зитетот во Скопје. Одлуката е прифатена од Извршниот совет и Собранието на НР Македонија. На 1.11.1956 г., Универзитетскиот совет за прв в.д. управник на Стани­цата го именува географот Гиго Милески, кој наскоро Гиго Милески бил испратен на стручно усовршување во Сеиз­молошкиот завод во Белград.


Зградата на Сеизмолошката станица во Скопје во 1957 г. Локацијата е на североисточните падини на планината Водно, во населбата Кисела Вода.



© 2024. Сеизмолошка опсерваторија, ПМФ, УКИМ, Скопје.