Библиотека

Од своето основање во 1957 г. па сè до денес, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје постојано го зголемува фондот на книги, часописи и ракописи од областа на сеизмологијата и од другите блиски научни области. Библиотеката на Опсерваторијата денес има над 2.000 книги, над 8.000 поединечни броеви од 56 периодични часописи и над 200 ракописи. На овој фонд треба да се додаде и огромниот фонд на сеизмолошки билтени, каталози и карти што опсерваторијата редовно ги приредува од своето основање, како и фондот на сеизмолошки билтени добивани од останатите сеизмолошки институции во светот во редовната меѓународна размена на сеизмолошки податоци.

Сепак, по 1990 г., опсерваторијата наидува на финансиски проблеми во обновувањето на својот библиотечен фонд. Сега во печатена форма се добива (и тоа бесплатно) само еден меѓународен часопис од сеизмологија, а се набавуваат само некои од светски најзначајните нови книги од областа на сеизмологијата и геофизиката.

Инаку, библиотечниот фонд на опсерваторијата ги поседува потребните учебници по предметите опфатени со првиот и вториот циклус на студиската програма применета физика – геофизика, организирана од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а во кои е предвидено истражувачите од опсерваторијата да држат настава.


© 2024. Сеизмолошка опсерваторија, ПМФ, УКИМ, Скопје.