До крајот на 70-тите години од 20-тиот век, а со оглед на тогашната развојна фаза на сеизмошката инструментација во светот, опсерваторијата е современо опремена.
За да се вклучи во новите текови на развој на сеизмолошката инструментација во светот по овој период, опсерваторијата развива нови активности. Во 1984 г. таа е вклучена во проект на УНДП (UNDP) за развој и инсталирање на телеметриски и компјутеризиран систем на сеизмолошки станици во Македонија (Development and installation of telemetred and computerized seismic stations network in SR Macedonia). Во врска со овој проект, Лазо Пекевски, тогаш магистер на физички науки и асистент во опсерваторијата, обавува специјалистички престој во Геолошкиот завод на САД (U.S. Geological Survey − USGS), во Голден, Колорадо. Во 1986 г., опсерваторијата ја доставува до Собранието на СРМ петгодишната Програма за развој и унапредување на сеизмолошката служба во СРМ. Во неа е содржана и Програмата за инсталирање и развој на телеметриска мрежа на сеизмолошки станици во Македонија. Истата предвидува опремување на постојните три сеизмолошки станици (во Скопје, Валандово и Охрид) со нова телеметриска опрема и отворање нови телеметриски станици (сите врзани во единствен систем), со компјутерска аквизиција и обработка на сеизмолошките податоци, а сè со цел да се овозможи побрз пристап кон сеизмолошките податоци потребни за локација на епицентрите на земјотресите со потекло од територијата на Република Македонија и од пограничните подрачја. Последново е многу важно при силни земјотреси, заради благовремено известување на населението и на службите и институциите надлежни за давање помош и ублажување на настанатите последици.
Според интервентен републички закон за пензионирање, проф. д‑р Драган Хаџиевски, дотогашен раководител на опсерваторијата, на 5.7.1988 г. е предвремено пензиониран. Од тогаш до 30.09.1989 г., вршител на таа функција е Лазо Пекевски, тогаш магистер на физички науки и асистент во опсерваторијата, а од 1.10.1989 г. на оваа функција е избран д‑р Љубе Миленковски, вонредовен професор по географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. На 9.7.1993 г., за раководител е избран д‑р Љупчо Јордановски, тогаш виш научен соработник.
Усвојувајќи ја гореспоменатата програма за телеметриска мрежа, Собранието на СРМ во 1990 г. одобрува финансиски средства за набавка на сеизмолошка и компјутерска опрема. Според проект во којшто водител од страна на oпсерваторијата е м‑р Лазо Пекевски, овие средства делумно се реализирани во 1991 г., кога за станиците во Скопје, Охрид и во Валандово се набавени три најсовремени дигитални телеметриски сеизмолошки станици, т.е. три комплети со по три краткопериодични електромагнетни сеизмометри SS‑1 RANGER и еден SSR-1 дигитален запишувач (кој користи 16-битен дигитализатор и соодветна аквизиција на податоците), сите производство на фирмата Кинеметрикс /Kinemetrics од САД. Во зградата-седиште на опсерваторијата во Скопје, една од овие станици е инсталирана и пуштена во работа во март 1992 г., во станицата во Охрид на 12.3.1994 г., а во станицата во Валандово на 23.3.1994 г. Телеметриската врска, т.е размената на дигиталните сеизмолошки податоци помеѓу овие станици е остварува модемски преку телефонски врски.
Така, 23.3.1994 г. е датум на конечното воспоставување на првата телеметриска мрежа на дигитални сеизмолошки станици во Република Македонија, која натаму работи истовремено со поранешната мрежа на аналогни сеизмолошки станици, со станицата во Скопје како центар во којшто се собираат и обработуваат сеизмолошките податоци.
Иако не и единствена причина, силниот земјотрес што на 1.9.1994 г. го зафаќа битолското подрачје е најнепосреден повод за отворање сеизмолошка станица во Битола од страна на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје. На 15.9.1994 г., во просториите на подрачната единица на Министерството за одбрана на Република Македонија, во центарот на Битола, во несоодветни услови е инсталиран краткопериодичниот електромагнетен сеизмометар ВЭГИК, вертикална компонента, со аналоген запишувач VR-1. Ваквата станица започнува со работа на 17.9.1994 г. Со ова е овозможено добивањето податоци за послабите земјотреси настанати во битолското епицентрално подрачје по силниот земјотрес, но и податоци за подобра локација на епицентрите на земјотресите од другите подрачја на Република Македонија. Во јуни 1995 г., оваа станица, со замена на сеизмометарот ВЭГИК со сеизмометар SS‑1 RANGER, е преинсталирана во многу посоодветни услови, во објект на подрачната единица на Министерството за одбрана на Република Македонија кој е во склоп на Центарот „Панче Кајзерот“. Во истиот објект, на 6.7.1995 г. е инсталирана, а на 7.7.1995 г. пуштена во работа – дигитална телеметриска сеизмолошка станица, комплет на три краткопериодични електромагнетни сеизмометри SS‑1 RANGER со SSR‑1 дигитален запишувач, добиена во рамките на научниот проект ПЛАТО (PLATO), изведен од ИЗИИС во Скопје и Националниот институт за геофизика вулканологија на Италија, во Рим (Istituto Nazionale di Geofisica e Vulcanologia – INGV). Со вака унифицираната сеизмолошка опрема, по задоволителната пробна работа, Сеизмолошката станица во Битола е свечено отворена на 27.9.1996 г., кога е одржана и научно-популарна трибина за битолскиот земјотрес од 1.9.1994 г.
Со својата соработка во рамките на спомнатиот проект ПЛАТО, опсерваторијата обезбедува и друга опрема. Така, во зградата-седиште на опсерваторијата во Скопје, во мај 1996 г., додадени се три широкопојасни електромагнетни сеизмометри WR‑1 RANGER, заедно со SSR‑1 дигитален запишувач, сите производство на фирмата Кинеметрикс/Kinemetrics од САД. Во исто време, сеизмометрите SS‑1 RANGER во станиците во Охрид и Валандово заменети се со сеизмометри WR‑1 RANGER. Вклучени се и нови телеметриски станици, , на браните „Стрежево“ (Битола) и „Ратево“ (Берово), во Крива Паланка, во Дебар, во Штип (во просториите на Рударско-геолошкиот факултет) и во с. Врановци, сите опремени со комплети од по три сеизмометри SS‑1 RANGER и SSR‑1 дигитален запишувач. Од последниве шест станици, во работа до денес се одржани само штипската станица, на промената локација (во зграда на планината Плачковица), и тоа како постојана станица во телеметриска мрежа, и станицата во Крива Паланка, како привремена станица
Со ова започнува со работа нова мрежа на сеизмолошки станици на територијата на Република Македонија, обединета од аналогни (класични) и телеметриски поврзани дигитални станици.
При тоа, централна сеизмолошка институција, која ја обединува работата на целата мрежа, е станицата во Скопје, во зградата-седиште на Сеизмолошката опсерваторија. Таа тогаш е поврзана со другите станици со телефонски врски, при што е користена различна комуникациска опрема. Податоците за сеизмичка активност се разменувани со повеќе институции: Лабораторијата за силни земјотреси при ИЗИИС-Скопје, сеимолошката мрежа МЕДНЕТ (MEDNET) на Националниот институт за геофизика и вулканологија на Италија (Istituto Nazionale di Geofisica e Vulcanologia – INGV) и со Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (European Mediterranean Seismological Centre – EMSC), Франција.
Набавувањето на дигитални телеметриски сеизмолошки станици по проектот ПЛАТО ослободува дел од средствата на опсерваторијата одобрени претходно (во 1990 г.) од Собранието на Република Македонија за истата намена. Со дополнителни залагања од опсерваторијата, обезбедени се дополнителни буџетски средства за просторно проширување и компјутерско доопремување. Така, во текот на 1998 г., со големи ангажирања во организацијата на градежните работи на тогашниот раководител на опсерваторијата, д‑р Љупчо Јордановски, како и на сите други вработени, изведена е доградба на зградата-седиште на опсерваторијата во Скопје, со којашто се обезбедени дополнителни засебни работни простории и сала за сеизмолошко-информатичко одделение. Д‑р Љупчо Јордановски функцијата раководител ја обавува до 9.3.2001 г., со редовни мандати и мандати на вршител на должност. На 10.3.2001 г. на оваа функција е назначен, а на 1.10.2001 г. избран повторно Лазо Пекевски, тогаш доктор на физички науки и доцент.
Во 2003 г., со буџетски средства, извршено е делумно реновирање на објектот на Сеизмолошката станица во Охрид.
Во рамките на проектот ДИРЕКТЕ 2 (DIRECTE 2 – Development of Infrastructure for Rapid Earthquake Data Collection and Exchange), 2004–2005 г., чиишто водители беа д‑р Петар Лабак од Геофизичкиот институт при Словачката академија на науките (Geophysical Institute, Slovak Academy of Sciences), Братислава, и д‑р Лазо Пекевски од Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, предвидено е зголемување на капацитетот за детекција на земјотреси на сеизмолошката мрежа во Република Македонија, како и воведување на размена во реално време на сеизмолошките податоци во рамките на самата оваа мрежа и со странси сеизмолошки институции. Согласно со овој проект, со средства од УНЕСКО, од програмата Словачка помош (Slovac Aid), во 2005 г., во дигиталните сеизмолошки станици во Скопје, Охрид, Валандово, Битола и Штип, секој од дигиталните запишувачи SSR-1 е заменет со дигитален запишувач Wave24 (Wave24 − Seismological measuring system), кој користи 24-битен дигитализатор и има соодветна аквизиција на податоци, а е производ на фирмата МикроСтеп−МИС/MicroStep-MIS од Словачка. Овие станици, преку ИНТЕРНЕТ, телеметриски се поврзани меѓусебно и со цела низа станици од Балканот во размена на сеизмолошки податоци во реално време. Централната аквизиција и обработката на податоците за територијата на Република Македонија се врши во зградата-седиште на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, каде што за овие намени е поставена нова компјутерска опрема и се инсталирани соодветни софтвери во оперативниот систем LINUX. За обработката на податоците, инсталиран е софтверот Seismic Handler. Преку веб-страницата на опсерваторијата, записите на сеизмолошките станици од територијата на Република Македонија се достапни на сеизмолошките институции од целиот свет и на целата јавност.
Целата нова опрема свечено е пуштена во работа на 2.3.2006 г. На 29.7.2006 г. во Крушево, на привремена локација, инсталирана е дигитална сеизмолошка станица, со три сеизмометри SS-1 RANGER и дигитален запишувач Wave24. Станицата е исто така вклучена во гореопишаната размена на сеизмолошки податоци во реално време. Во 2009 г., дигиталниот запишувач Wave24 во станицата во Скопје е заменет со новонабавениот дигитален запишувач Quantera–Q330, производство на фирмата Кинеметрикс/Kinemetrics од САД.
Зголемувањето на капацитетот за детекција на земјотреси на телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија со опишаната опрема обезбедува подетални информации за сеизмичноста на територијата на Републиката и околните подрачја. Ова има директно влијание врз прецизноста во одредувањето на сеизмичкиот хазард и, следствено, во влезните податоци за релевантни кодови на изградба на објекти. Внатрешната и надворешната размена во реално време на податоците од сеизмолошката мрежа во Републиката овозможува да се добијат брзи и веродостојни податоци за земјотресите. Со ова, подготвеноста на Република Македонија за случај на силен земјотрес е особено зголемена, бидејќи благовремените информации за земјотресот овозможуваат и благовремено преземање соодветни дејства и мерки за заштита на населението.
Д-р Лазо Пекевски функцијата раководител ја обавува до 14.10.2007 г., со редовни мандати и мандати на вршител на должност. На 15.9.2007 г., на оваа функција е повторно избран д‑р Љупчо Јордановски, тогаш со звање научен советник. На 15.9.2009 г., за раководител на опсерваторијата е повторно избран д‑р Лазо Пекевски, тогаш со звање вонреден професор. На 7.10.2010 г. почина д-р Љупчо Јордановски. Д-р Лазо Пекевски го завршува својот раководителски мандат на 14.9.2011 г., со звање научен советник. На 15.9.2011 г., за раководител на опсерваторијата е избрана д-р Вера Чејковска, тогаш насловен доцент, а сега виш научен соработник.
Министерството за наука и образование (МОН) на Република Македонија, по посетата на министерот Никола Тодоров на опсерваторијата на 15.3.2011 г., обезбеди средства за нова опрема за оваа институција. Така во текот на 2011 г., добиени се пет персонални компјутери, а кон крајот на истата година набавени се две најмодерни дигитални сеизмолошки станици, секоја составена од пакет EpiSensor−Model FBA ES-T и дигитален запишувач Quantera–Q330HRS, производство на фирмата Кинеметрикс/Kinemetrics од САД. Секој пакет EpiSensor−Model FBA ES-T се состои од три широкопојасни сеизмички сензори / акцелерометри EpiSensor, кои ги одразуваат движењата на тлото долж вертикалниот правец и два хоризонтални правци.
Опсерваторијата засега планира да ги инсталира новите сеизмолошки станици на локации во Дебар и во делчевско-беровското подрачје. За жал, заради многу неповолната финансиска состојба на опсерваторијата, условена од постојаното намалување на буџетските средства за материјално работење, овие инсталации во моментот не можат да се остварат.
Од 2003 г. до 2008 г., според апликативен проект (со формално траење од 2004 г. заклучно со 2008 г.) за следење на регуларната и индуцираната сеизмичност во подрачјата околу акумулацијата на браната „Козјак“ (општина Македонски Брод), опсерваторијата одржува три дигитални сеизмолошки станици – сопственост на Електростопанство на Република Макединија (ЕЛЕМ), инсталирани на самата брана „Козјак“ и во селата Самоков и Белица. Набљудувањата во овие станици продолжуваат и во периодот 2009–2011 г., за што е поднесен соодветен извештај до ЕЛЕМ.
Согласно со нов апликативен проект за следење на редовната и индуцираната сеизмичност во подрачјата на браните „Козјак“акумулацијата на браната „Козјак“ (општина Македонски Брод) и „Св. Петка“ (во близина на Скопје) во периодот 2012–2014 г., опсерваторијата одржува три дигитални сеизмолошки станици, од коишто две се сопственост на ЕЛЕМ – АД Електрани на Македонија, и тоа на самите брани „Козјак“ и „Св. Петка“, а една, во с. Белица, е сопственост на опсерваторијата.
Во 2010 г., во апликативниот проект за сеизмички мониторинг на браната „Лисиче“ (Велес), опсерваторијата одржува сопствена сеизмолошка станица на самата брана.
Според апликативен проект за следење на редовната и индуцираната сеизмичност во подрачјата околу акумулацијата за браната „Кнежево“ на ЈП ХС „Злетовица“ (Пробиштип) во периодот од октомври 2012 г. до октомври 2013 г., опсерваторијата одржува сопствена дигитална сеизмолошки станици на самата брана „Кнежево“.