За опсерваторијата

За Сеизмолошка опсерваторија

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје е и првата сеизмолошка инстуција во Република Северна Македонија. Таа е основана од Владата и Собранието на Републиката во 1957 г., во тоа време, како Сеизмолошка станица на Универзитетот во Скопје. Оваа станица е единствената сеизмолошка станица која работела во времето на скопскиот катастрофален земјотрес од 26.7.1963 г. По овој земјотрес, станицата е многу често домаќин на светски познати сеизмолози и институции, учествува во значајни национални и меѓународни научни проекти, а извршува и многу апликативни проекти при градењето на значајни објекти во Републиката. При тоа, станицата постојано ги осовременува опремата и методите на научна анализа на сеизмолошките податоци, отвора нови сеизмолошки станици (во Валандово, 1966 г., во Охрид, 1967 г.), поради што во 1966 г. го добива називот Сеизмолошка опсерваторија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1976 г., оваа опсерваторија станува дел од Факултетот за физика на истиот универзитет, а во 1984 г. го стекнува сегашниот статус – засебна организациона единица на Природно-математичкиот факултет при истиот универзитет.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје денес одржува шест постојани сеизмолошки станици (во Скопје, Штип, Валандово, Охрид, Битола и Крушево), во кои се поставени широко-појасни или кратко-периодични електромагнетни сеизмометри со дигитална регистрација. Врската меѓу овие станици со седиштето на опсерваторијата во Скопје се изведува телеметриски, преку Интернет. Целата оваа мрежа на сеизмолошки станици е вклучена во регионална Интернет-телеметриска мрежа на станици со договорена размена на податоци, така што во седиштето на Опсерваторијата во Скопје се добиваат и анализираат податоци од поголем број на станици. Покрај постојаните, опсерваторијата одржува и пет привремени сеизмолошки станици, од кои четири се во рамките на разни апликативни проекти при изградбата на големи објекти од општа важност за населението (брани, железници и сл.).

            Согласно со горенаведениот закон од 1983 г., регистрацијата само на најсилните земјотреси на територијата на Републиката, соодветнoто архивирање, анализа и објавување на резултатите, изработката на техничките подлоги за одредување на сеизмичкиот ризик во одделните подрачја на Републиката, изготвувањето на технички прописи за проектирање и градење на асеизмички објекти во земјотресните подрачја според картата на земјотресна реонизација на територијата на Републиката, давањето стручна помош за извршување на класификација за степенот на оштетување и употребливоста на објектите по најсилните земјотреси, изготвувањето на општи и технички нормативи за уривање, расчистување и санација на оштетените објекти по најсилните земјотреси, како и учеството во меѓународна размена на податоците за случените најсилни земјотреси, се обврски на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, основан во 1965 г. од Владата и Собранието на Република Македонија.


© 2024. Сеизмолошка опсерваторија, ПМФ, УКИМ, Скопје.