Втора генерација на сеизмолошка инструментација: електромагнетни сеизмометри

Континуитетот на инструменталните набљудувања обезбеден наскоро по силниот земјотрес го обезбедува, всушност, основниот материјал за понатамошните обемни истражувања на скопското епицентрално подрачје од сеиз­молошки и од сеизмотектонски аспект.

Вакви истражувања за прв пат се зацртани во проектот што во 1964 г. го изготвува самата Сеизмолошка станица во Скопје, а во соработка со сите тогашни југословенски сеиз­молошки институции, со Геолошкиот завод во Скопје, со други институции и стручњаци од Универзитетот во Скопје, со институции од странство, како и со експерти на УНЕСКО (UNESCO), на пр. Николас Н. Амбрејзис. Како формални извршители на проектот се јавуваат Сеизмолошката станица во Скопје и Институтот за физи­ка на Земјата (ИФЗ) „О. Ју. Шмидт“ (Интитут физики Земли им. О. Ю Шмидт) при тогашната Академија на науките на СССР во Москва. Предвидената опрема за проектот, десет локални современи сеизмолошки станици, составени од краткопериодични електромагнетни сеизмометри со галванометриска аналогна регистрација на фотографска хартија, ја обезбедува ИФЗ. Користени се сеизмометрите ВЭГИК, ГСХ, ВСХ и ВБП-3, сите од советско производство. Заедничката експедиција ја сочинуваат: од ИФЗ - Димитриј Н. Рустанович (ра­ко­водител), Е. А. Коридалин (консултант), Сергеј В. Медведев (консултант, инаку еден од творците на познатата MSK-64 односно MSK-1964 макросеизмичка скала), В. А. Токмаков (научен соработник), а од Сеизмолошката станица во Скопје - раководителот Дра­ган Хаџиевски (научен соработник). Финансиските средства за работата на експедицијата ги обезбе­дува Геолошкиот завод на Македонија (Скопје) преку Дирекцијата за обнова и изградба на град Скопје.

Редовната работа на оваа инструментална сеизмолошка експедиција, прва во историјата на сеиз­мо­ло­гијата во Република Македонија, започнува на 12.4.1964 г. Локалните сеизмолошки станици се инста­лирани во зградата-седиште на Сеизмолошката станица во Скопје, на пет локации во градот Скопје, како и во селата Матка, Бразда, Липково и Катланово. Покрај официјалните членови на експедицијата, во рабо­тата повремено учествуваат и даваат помош сите сеизмолошки институции од тогашна Југославија: Геофизичкиот завод при Природно-математичкиот факултет во Загреб (со престоите на геофизичарите/сеизмолозите Јосип Мокровиќ, Драгутин Скоко, Драгутин Цвијановиќ и тогашните студентите Анѓелка Милошевиќ, Беатриче Форце и Иво Вукшиќ), Сеизмолошкиот завод од Белград (со учество на соработникот Радмила Милошевиќ), Геофизичкиот институт на Универзитетот во Љубљана (со престојот на сеизмологот Владимир Рибариќ), Сеизмолошкиот завод од Сараево (со престојот на сеизмологот Милош Јанковиќ) и Сеизмолошкиот завод од Титоград (со престојот на инженерите Славко Вучиниќ и Никола Јовичевиќ). Понатаму, учество земаат уште над 40 лаборанти, од кои повеќето се студенти по фи­зи­ка на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а останатите од Електро-ма­шин­скиот фа­култет и други факултети во Скопје. Двајца од студентите по физика на Природно-мате­ма­тичкиот факултет во Скопје, Симеон Ордев и Никола Василевски, пока­жуваат особен интерес за сеизмологијата, поради што се примени на постојана работа во Сеизмолошката станица во Скопје.

Во текот на работата на експедицијата, во 1964 г., Сеизмолошката станица во Скопје ја посетува УНЕСКО експертот по инженерска сеизмологија Николас Н. Амбрејзис (Nicholas N. Ambraseys), (клик за линковите http://cires.colorado.edu/~bilham/Ambraseys.html и  http://cires.colorado.edu/~bilham/NicksPubs/Ambraseys%20photosSkopje.html) подоцна светски познат научник од оваа област. (Амбрејзис продолжува да ги одржува контактите со Сеизмолошката станица во Скопје до крајот на својот живот, во 2012 г. Неговата последна посета на Сеизмолошката станица во Скопје  е во февруари 1999 г., кога е дојден во Скопје заради подигањето на наградата „13 Ноември − од областа на меѓународна соработка“ за 1998 г., заради неговата улога во реконструкцијата на градот Скопје по катастрофалниот земјотрес од 26.7.1963 г.)

На тој начин Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје станува центар во којшто се применуваат најсовремените методи на сеизмолош­ките набљудувања, научната интерпретација и практичната примена на сеизмолошките податоци, како и на обуката на нови сеизмолози.

Од истражувањата што се вршени во тој период произлегуваат многу важни резул­тати, кои засекогаш остануваат основа во сеизмолошките, геофизичките, геолош­ките и дру­гите сродни научни и практични дисциплини во Република Македонија. Најважни од овие резултати се: параметрите на хипоцентарот, магнитудата и механизмот на жариштето на скопскиот земјотрес од 26.7.1963 г., карактеристиките на сеизмичноста и сеизмо­тектониката на скопското подрачје, Картата на сеизмичкото микрореонирање на град Скопје, која потоа служи како основа за изработка на урба­нистичкиот план на градот, и др. Многу од овие резултати се објавени во Повремените изданија на Се­из­молошката станица Универзитетот во Скопје, што оваа установа започнува да ги издава во 1965 г.

Работата на советските сеизмолози завршува на 21.4.1965 г., а Сеиз­молошката станица во Скопје самостојно го продолжува одржувањето на новоинста­лира­ните сеизмолошки станици во Скопје и околината, во меѓувреме откупувајќи ги со средства од Фондот за обнова и изградба на Скопје.

Претходно, уште во декември 1964 г., Советот на станицата носи одлука за соп­ствено доопремување и за основање на две нови сеизмолошки станици – во Валандово и во Охрид. Формирана е комисија, чии членови се проф. Милош Павловиќ, дипл. прав­ник Петар Мишковски, сеизмологот Димитриј Н. Рустанович од ИФЗ од Москва и Драган Хаџиевски. Оваа комисија ја обезбедува реконструкцијата и надградбата на зградата на станицата во Скопје, изборот на локациите и изградбата на новите ста­ници во Валандово и во Охрид, како и набавката и монтажата на опремата, и тоа со средства од помошта на Специјалниот фонд на Обединетите нации.

Еден дел од новата опрема во Станицата во Скопје (покрај комплетот од три краткопериодични електромагнетни сеизмометри WILLMORE, електромагнетниот акцелерограф STRONG‑MOTION RECORDER AR-240 и др.) се комплетите од по три краткопериодични електромагнетни сеизмометри LEHNER-GRIFFITH и долгопериодични електромагнетни сеизмометри PRESS-EWING. Монтирани со галванометриска аналогна регистрација на фотографска хартија, тие ќе опериаат сè до раните 1990-ти. Во новите станици во Валандово и во Охрид монтирани се комплети од по три краткопериодични електромагнетни сеизмометри LEHNER-GRIFFITH, со галванометриска аналогна регистрација на фотографска хартија. Монтажата на целата нова опрема е ус­пешно и брзо завршена, со залагање на целиот тогашен колектив на ста­ницата во Скопје. Драгоцена научна и стручна помош даваат и сеизмологот Д. Скоко од Гео­фи­зичкиот завод при Природно-математичкиот факултет во Загреб, сеизмологот Н. В. Шебалин од ИФЗ во Москва (тогаш експерт на УНЕСКО) и инженерот М. МакЕлхини (M. McElheny) од компанијата Обединета електродинамика, Оддел за геонауки (United Electrodynamic, Inc., Earth Science Division), Па­садена, Калифорнија, од каде што, всушност, е испорачана опремата.

Новата опрема во станицата во Скопје проработува на 14.3.1966 г., во станицата во Валандово – на 16.2.1966 г., а во ста­ницата во Охрид – на 9.9.1967 г.

Со сето ова, Сеиз­молошката станица во Скопје го достига нивото на современо опремена светска сеизмолошка станица, со своја мрежа на помошни станици, способна со совре­ме­ни методи да ги следи земјотресите, да ја изучува сеизмич­носта и другите проблеми на современата сеизмологија. Ова ниво на развој ја наметнува потребата од нова организациска структура и поставеност на станицата, што е, пак, регулирано со новиот статут на станицата од 1966 г., со кој таа станува Сеизмолошката опсерва­торија на Универзитетот во Скопје.

Во текот на 1960-тите и 1970-тите години, Сеизмолошката опсерваторија во Скопје врши сопствени инструментални набљудувања и истражувања на сеизмичноста и на епицетрални подрачја надвор од Република Македонија, и тоа: на подрачјето на Лесковац (Србија), во периодот од 1.6.1967 г. до 15.12.1968 г., со три сопствени сеизмолошки станици (поставени во Подримце, Вучје и Орашец); на подрач­јето на Бања Лука (Босна и Херцеговина), по силниот земјотрес од 27.10.1969 г., а во периодот од 29.10.1969 г. до 31.5.1971 г., со пет сеизмолошки станици, поставени заедно со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје (во Шехитлуци/Фе­ри­ја­лен дом, Челинац, Папажани/Милосавци, Ивањска - Мишин Хан и Бронзани Мајдан); на под­рач­јето на Црногорското Приморје, по силниот земјотрес од 15.4.1979 г., а во периодот од 10.5.1979 г. до 10.10.1979 г., со две сопствени сеизмолошки станици (поставени во Улцињ и во Добра Вода кај Бар).

Во текот на 70-тите години од 20-тиот век, Сеизмолошката опсерваторија во Скопје работи и на два значајни научни проекта, кои уште повеќе го зацврстуваат нејзиното стручно и научно реноме.

Првиот од овие проекти е меѓународен проект за истражување на се­измичноста на Балканот, а се одвива во периодот од 1970 г. до 1976 г., финансиран од УНЕСКО, со главна канцеларија во Скопје. Поз­на­­ти светски сеизмолози и експерти на УНЕСКО, како В. Карник (V. Karnik), Т. С. Алгермисен (T. S. Algermissen), Н. В. Шебалин, А. Р. Рицема (A. R. Ritsema), В. В. Белоусов, К. Р. Ален (C. R. Allen), Л. Христосков, Ј. Дракопулос. (J. Drakopoulos), К. Раду (C. Radu) и др., престојуваат во опсерваторијата, пренесувајќи ги своите знаења и искуства, но и мошне високо оценувајќи ја нејзината работа. Самиот раководител на проектот, светски познатиот сеизмолог Вит Карник (еден од творците на познатата MSK-64 односно MSK-1964 макросеизмичка скала), останал најдолго време, со сместување во самата зграда на опсерваторијата. (Карник во тоа време бил вработен во Геофи­зичкиот институт на Чехословачката академија на науките во Прага − Geophysical Institute, Czechoslovak Academy of Sciences, Prague). Во текот на овој про­ект, во 1974 г., опсерваторијата набавува и инсталира комплет од три среднопериодични електромагнетни сеизмометри СКД (од советско производство) со галванометриска аналогна регистрација на фотографска хартија, електромагнетнен акцелерограф ОСБ-I МП со галва­но­метриска аналогна регистрација на фотографска хартија (советско производство), а набавува и три аналогни запишувачи од типот VR‑1 (кои користат игла со мастило врз бела хартија поставена на цилиндер што ротира), производство на фирмата Кинеметрикс/Kinemetrics од САД.

Вториот од овие проекти е републичкиот проект “Сеизмичко рео­ни­рање на територијата на СР Македонија”, работен во периодот од 1971 г. до 1974 г. Оп­сер­ваторијата е носител на проектот, а го реализира во соработка со ИЗИИС и Заводот за геотехника при Градеж­ниот факултет во Скопје. За потребите на овој проект, инсталирани се привремени сеизмолошки станици во Велес, Стар Дојран, и на браните Кежовица (Штип), Дошница (Демир Капија), Ту­рија (Струмица) и Тиквеш (Кавадарци), опремени со краткопериодични електромагнетни сеизмометри со галванометриска аналогна регистрација на фотографска хартија. Многу значаен резултат на овој проект е Картата на сеизмичкото реонирање на Македонија.

Со цел постојаните и привремените сеизмолошки ста­ници на опсерваторијата потполно да ја вршат својата функција, од страна на технич­киот соработник за инструменти на опсерваторијата Симеон Ордев, тогаш и натаму, ревновно е одржувана сеизмолошката  инструментација и разви­вана е придружна електронска и друга опрема.

Двата проекта, покрај другото, јасно укажаат на потребата од инсталирање на погуста мре­жа на постојани сеизмолошки станици на територијата на Република Македонија. Од за­вршу­вањето на проектите па натаму, во опсерваторијата се развивани повеќе про­гра­ми во врска со овој проблем.

Со реформата на Универзитетот во Скопје, опсерваторијата, на 11.5.1976 г., станува членка на Универзитетскиот центар за математичко-технички науки (УЦМТН). Со референдум одржан во УЦМТН, на 14.6.1976 г., опсерваторијата се спојува со Факултетот за физика, исто така членка на УЦМТН. Десетина години подоцна, со референдумот одржан во УЦМТН на 12.12.1984 г., повторно е формиран Природно-мате­ма­тичкиот факултет во Скопје, а опсерваторијата станува една негова работна единица (еден од институтите).

 

 

 


Краткопериодичниот електромагнетен сеизмометар ВЭГИК (советско производство), изведен на начин да ги регистрира движењата на тлото долж хоризонтален правец.


Една од станиците на локалната сеизмолошка мрежа во Скопје и околината, инсталирана при престојот на експедицијата на Институтот за физи¬ка на Земјата од Москва во Сеизмолошката станица во Скопје, 1964–1965 г. Станицата користи три краткопериодични електр


Вертикалните компоненти на краткопериодичниот електромагнетен сеизмометар LEHNER GRIFFITH



долгопериодичен електромагнетен сеизмометар PRESS EWING


Еден од среднопериодичните електромагнетни сеизмометри СКД (советско производство), набавени за зградата-седиште на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје во 1974 г. Прикажаниот сеизмометар е поставен така што да ги одразува движењата на тлото долж правец


Еден од аналогните запишувачи од типот VR 1 (производство на фирмата Кинеметрикс/Kinemetrics, САД), набавени од Сеизмолошката опсерваторија во Скопје кон средината на 1970-тите.



Зградата-седиште на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје: појасно-ограничените електромагнетни сеизмометри LEHNER-GRIFFITH (краткопериодичен), PRESS-EWING краткопериодичен и СКД (среднопериодичен), кои во својата редовна работа, од средината на 1960 тит


галванометриска аналогна регистрација на фотографска хартија поставена на цилиндер што ротира



© 2022. Сеизмолошка опсерваторија, ПМФ, УКИМ, Скопје.