Научната дејност на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје вклучува проекти, објавување статии и монографии, усни и постерски презентации на конференции, како и ракописи што се собираат во Фондот на опсерваторијата.
Предметите на истражувања се од областите на сеизмологијата, физиката на внатрешност на Земјата, геофизиката и блиските научни дисциплини. Овие предмети се следните:
- методи на сеизмолошките набљудувања;
- методи на одредување на кинематичките и динамичките параметри на земјотресите (хипоцентрално време, координати на епицентарот, хипоцентрална длабочина, магнитуда, интензитет);
- методи на каталогизирање на историските и современите земјотреси;
- механика на континуум;
- механика на ломење;
- истражувања на параметрите на локалната и регионалната сеизмичност;
- локална и регионална бранова и структурна сеизмологија (истражување на распростирањето на сеизмичките бранови од локалните и регионалните земјотреси, со моделирање на градбата и факторот на квалитет на локалната и регионалната Земјина кора и со изнаоѓање на регионалните ходохрони и коефициенти на придушување на брановите);
- одредување на параметрите на макросеизмичкото поле;
- физика на земјотресно жариште;
- сеизмотектоника;
- сеизмологија на силни земјотреси;
- сеизмички хазард и сеизмичко реонирање;
- корелации помеѓу сеизмичка активност и промените во геомагнетското поле.
Треба да се спомене дека две карти од областа на сеизмичкиот хазард и сеизмичкото реонирање, во чијашто изработка учествувале истражувачи од опсерваторијата, се влезени во официјална, со закон регулирана употреба: Д. Хаџиевски, М. Арсовски и Т. Митров, Карта на сеизмичко реонирање на Македонија, Скопје, 1976; M. Jorgić, В. Šupić, V. Kuk, D. Hadžievski, L. Pekevski, V. Ribarić, M. Vukašinović, Seizmološka karta SFRJ za povratni period od 50 godina, Zajednica za seismologiju SFRJ, Beograd,1987.
Опсерваторијата досега извела самостојно или учествувала во над 20 научни проекти, од кои само седум се републички (со траење од една до пет години), а останатите се меѓународни и билатерални (со траење од една до седум години).
Најважните научни проекти во последните десет години се наведени подолу.
- Geomagnetic measurements and quality standards (Геомагнетските мерења и стандардите за нивен квалитет), TEMPUS Project, IB_JEP–17072-2002, Štip, Macedonia, 2003–2006. Project Co-Directors: Jean L. Rasson (Royal Meteorological Institute, Belgium), Gerald Duma (Central Institute for Meteorology and Geodynamics, Vienna, Austria), Giuliano Bellieni (University of Padova, Padova, Italy), Todor Delipetrov (Faculty of Mining and Geology, Štip, Macedonia).
- DIRECTE 2 – Development of Infrastructure for Rapid Earthquake Data Collection and Exchange (ДИРЕКТЕ 2 – Развој на инфраструктура за брзо добивање и размена на сеизмолошки податоци). Словачко – македонски проект, УНЕСКО програма Словачка помош (Slovac Aid), 2004–2005 г. Водители: Петар Лабак од Геофизичкиот институт при Словачката академија на науките (Geophysical Institute, Slovak Academy of Sciences), Братислава, и Лазо Пекевски од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
- Istraživanje anizotropije brzine seizmičkih valova na području Makedonije (Истражување на анизотропијата на сеизмичките бранови на подрачјето на Македонија), 2005–2006. Bilateralni projekt Hrvatska – Makedona, Sveučilište u Zagrebu i Sveučilište “Sv. Kiril i Metodij” u Skoplju. Voditelji: Marijan Herak (Geofizički zavod Prirodoslovno-matematičkog falulteta u Zagrebu) i Lazo Pekevski Seizmološki opservatorij Prirodno-matematičkog falulteta u Skoplju).
- Истражување на можностите за создавање на мрежа за процена на ризикот од земјотреси и нивното краткорочно претскажување во подрачјето на Балканот и Црното Море, 2005−2006 г. Македонско–бугарски билатерален проект. Водители: Страшимир Мавродиев, Институт за нуклеарни истражувања и нуклеарна енергија при Бугарската академија на науките, Софија, и Лазо Пекевски, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
- Deterministic seismic hazard analysis and zonnation of the territory of Republic of Macedonia (Анализа на детерминистичкиот хазард и реонирање на територијата на Република Македонија). Project Coordinators: D. Dojčinovski, L. Pekevski, G. F. Panza. CEI, Trieste, Italy, 2007-2008.
- Deterministic seismic hazard analysis and zonnation of the territory of Republic of Macedonia (Анализа на детерминистичкиот хазард и реонирање на територијата на Република Македонија). Project Coordinators: D. Dojčinovski, L. Pekevski, G. F. Panza. CEI, Trieste, Italy, 2009-2010.
- Complex Research of Earthquake’s Forecasting Possibilities, Seismicity and Climate Change Correlations – acronym BlackSeaHazNet (Комплексно истражување на можностите за предвидување земјотреси, на сеизмичноста и на корелациите за климатските промени), FP7 MCA PROJECT PIRSES-GA-2009-246874, 2011–2012. Coordinator: S. Mavrodiev, INRNE, BAS, Sofia, Bulgaria; National Coordinator for R. Macedonia: L. Pekevski, Seismological Observatory at the Faculty of Natural Sciences and Mathematics – Skopje.