Во првата половина на 1957 г., веднаш по завршувањето на изградбата на зградата на Сеизмолошката станица во Скопје, на порано избраната локација од проф. Јеленко Михајловиќ на североисточните падини на планината Водно, во населбата Кисела Вода, извршена е монтажа на инструментите: два среднопериодични механички сеизмографа од типот MAINKA, поставени на начин да ги бележат движењата на тлото долж правците север–југ (N–S) и исток–запад (E–W), а поврзани со еден контактен часовник WIECHERT, сопственост на Сеизмолошкиот завод од Белград. Секој од овие сеизмографи имаат физичко нишало со маса од 450 kg. На нишалото е прицврстена игла, која го бележи движењето на нишалото односно тлото врз начадена хартија поставена на цилиндер што ротира. Часовникот WIECHERT го обезбедува маркирањето на минутите на хартијата. Монтажата е извршена од Владимир Принц, соработник на Геофизичкиот завод при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, со учество на Димитрије Трајиќ, соработник на Сеизмолошкиот завод од Белград, и Гиго Милески од Сеизмолошката станица во Скопје. Со таа опрема, станицата ја започнува својата работа на 1.7.1957 г. Од овој датум, под уредништво на Гиго Милески, започнува и објавувањето на резултатите од сеизмолошките набљудувања во сеизмолошки билтен. Гиго Милески, во јануари 1960 г., преминува на работа на Катедрата по географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, но до 28.2.1961 г. останува хонорарен в.д. управник на станицата.
Во 1958 г., Ректоратот на Универзитетот во Скопје, на предлог на ректорот проф. д‑р Марин Каталиниќ, носи решение со коешто Драган Хаџиевски, дипломиран физичар на Катедрата по физика во Скопје, се избира во звањето асистент во Сеизмолошката станица во Скопје и се упатува на специјализација по сеизмологија кај проф. д-р Јосип Мокровиќ во Геофизичкиот завод при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб. Драган Хаџиевски кај проф. д‑р Марин Каталиниќ и проф. д‑р Јосип Мокровиќ презема обврска, истовремено со специјализацијата по сеизмологија, да започне и студии по геофизика во истиот завод. Двете програми тој ги завршува во 1961 г. На 1.3.1961 г. е именуван за раководител на Сеизмолошката станица, функција што ја извршува до 5.7.1988 г.
Со одлука на Универзитетскиот совет, во почетокот на 1962 г. се формира Совет на Сеизмолошката станица во Скопје, кој дава голема помош во решавањето на научните и стручните прашања. Првиот состав на овој совет е следниов: Милош Павловиќ (геолог) претседател на Советот, Ордан Печијаре (физичар), Јосип Мозер (физичар), Душан Манаковиќ (географ), Славчо Бахчеванџиев (физичар), сите од Природно-математичкиот факултет во Скопје, и Петар Мишковски, правник од Републичкиот секретаријат за внатрешни работи.
На 15.2.1963 г., Драган Хаџиевски го монтира среднопериодичниот механички сеизмограф CONRAD, отстапен на Сеизмолошката станица во Скопје од страна на Сеизмолошкиот завод во Белград уште во 1957 г. Овој сеизмограф има нишало со маса од 25 kg, на кое е прицврстена игла, а која го бележи движењето на нишалото односно тлото врз начадена хартија поставена на цилиндер што ротира. Сеизмографот е поставен така што да ги регистрира движењата на тлото долж правецот север–југ (N–S).
Силниот скопски земјотрес од 26.7.1963 г. ја затекнува станицата во вакви скромни материјални услови и минимални кадровски можности. Сеизмографите во станицата, со техничка ограниченост во однос на силните локални земјотреси, биле исфрлени од работа на самиот почеток на земјотресот. Меѓутоа, Драган Хаџиевски успеал околу 38 минути по настапот на земјотресот да го врати во работа сеизмографот CONRAD N–S, а, по околу 2 часа и 32 минути, и сеизмографот MAINKA N–S. Со ова, пак, е обезбедено и непрекинатото издавање на Сеизмолошкиот билтен и на засебни извештаи, кои допринесувале за навремена информираност на населението и за преземање соодветни заштитни мерки по силниот земјотрес.
Нишалото (цилиндрична маса од 450 kg) и регистраторот (игла врз начадена хартија на цилиндер што ротира) на еден од сеизмографите MAINKA.
Среднопериодичниот механички сеизмограф CONRAD, компонента север–југ, пуштен во работа во Сеизмолошката станица во Скопје на 15.2.1963 г. Масата на нишалото на сеизмографот е 25 kg, а регистрацијата е со игла врз начадена хартија на цилиндер што ротира.
Среднопериодичните механички сеизмографи MAINKA, компоненти север–југ (право) и исток–запад (на страна), пуштени во работа во Сеизмолошката станица во Скопје на 1.7.1957 г.