Научен советник (во пензија) д-р Лазо Пекевски

Предмети



Биографија

д-р Лазо Пекевски, роден на 6 јули 1947 г. во Скопје, доктор на физички науки, научен советник, кој раководел од 6 јули1988 г. во разни периоди до 14 септември 2011 г. Оосновно и средно училиште завршил во Скопје а во 1974 г. дипломирал на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје, група применета физика. Постдипломските студии ги завршил во 1984 год. на Геофизичкиот завод „Андрија Мохоровичиќ“ при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, група физика на внатрешноста на Земјата. Во 1999 год., на Институтот за физика при ПМФ во Скопје, ја одбранил докторската теза „Сеизмички бранови од блиски земјотреси во вискозно-еластичен модел на Земјината кора на територијата на Република Македонија“ (под менторство на д р Драган Хаџиевски), со што се стекнал со титулата доктор на физички науки. По дипломирањето, од 1975 год. до 1981 год. работел како професор по физика и математика во средно училиште. Во февруари 1981 год. се вработил како помлад асистент во Сеизмолошката опсерваторија при Факултетот за физика во Скопје. Во 1990 год., избран е за асистент. Во 2000 год. е избран за доцент, во 2005 год. − за вонреден професор, а во 2011 год. − за научен советник на Природно-математичкиот факултет. Бил наставник по предметите сеизмологија I и II во рамките на студиската група геофизика со метеорологија при Институтот за физика на ПМФ во Скопје. Учествувал и во наставата по сеизмологија на меѓународните постдипломските студии и Меѓународниот курс за асеизмички конструкции за кандидати од земјите во развој (CADAC) при Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје. Земал учество и во повремената настава по сеизмологија што Опсерваторијата ја изведува за студенти и ученици. Негови особени научни интереси до пензионирањето во 2012 год. и потоа се ширењето на сеизмичките бранови, структурната сеизмологија (особено за локалната и регионалната Земјина кора), параметрите на сеизмичност, сеизмичкиот хазард, геомагнетизмот, софтверските решенија за обработката на сеизмолошките и геомагнетските податоци и др. Со подршка од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, во 2004 год. ја инсталирал првата геомагнетска вариометарска станица во Република Македонија, која до денес редовно ја одржува, како извор на драгоцени податоци за промените во локалното геомагнетско поле во врска со сеизмичката активност. Во 2015 год. започнал со истражувањата во полето на аерономијата, па сега работи на инсталирањето на станица (на пл. Плачковица) за следење на Шумановиот резонанс. Учествувал во 15 меѓународни научни проекти, во 4 национални научни проекти, како и во 9 апликативни проекти . Како автор или коавтор, објавил 76 научни и стручни трудови во Република Македонија и странство, издал 8 соопштенија на меѓународни научни собири и 10 соопштенија на научни собири во Република Македонија. Има изработено 12 оригинални апликативни софтверски пакети и околу 100 други научни и стручни трудови. Остварил научни престои во Геолошката служба на САД (USGS) и во Центарот за научна култура (EMFCSC) во Енриче (Сицилија, Италија), како и стручни престои во фирмите-производители на сеизмолошки инструменти Kinemetriks (Пасадена, САД) и MicroStep MIS (Братислава, Словачка). Земал учество во неколку меѓународни научни работилници, како и во организацијата на една ваква работилница (Охрид, 2011 год.). Бил раководител Опсерваторијата во разни периоди од 6.7.1988 год. до 14.9.2011 год. Бил член на Меѓународната асоцијација за сеизмологија и физика на внатрешноста на Земјата (IASPEI), титуларен член на Европската сеизмолошка комисија (ESC), делегат во Заедницата за сеизмологија на СФРЈ и член на Здружението на сеизмолозите во Македонија. Член е на Друштвото на физичарите на Македонија.

© 2026. Сеизмолошка опсерваторија, ПМФ, УКИМ, Скопје.