д-р Драган Хаџиевски, роден 1928г. во Галичник, доктор на физички науки, редовен професор, кој раководел од 1 март 1961 до 5 јули 1988г. Тој дипломирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, група физика во 1957 г. и во 1958 г. е избран за асистент во Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје. Во 1961 год. завршува специјализација по сеизмологија на Геофизичкиот завод „Андрија Мохоровичиќ“ при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб. Истата година е назначен за раководител на Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје. Во текот на 1966 година има шестмесечна специјализацијата по сеизмологија во Институтот за физика на Земјата при Академијата на науки на СССР (Москва). Во 1967 год. е избран во звањето научен соработник по сеизмологија во Опсерваторијата. Во 1978 год. докторирал на Геофизичкиот завод „Андрија Мохоровичиќ“ при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, со одбрана на докторската дисертација „Fizikalne karakteristike žarišta potresa“. На Факултетот за физика во Скопје, во 1976 год. избран е во звањето вонреден професор во 1978 год., а во 1981 год. − во звањето редовен професор. Во 1987 год., преизбран е во звањето редовен професор. На функцијата раководител на Опсерваторијата останува до јули 1988 год., кога е пензиониран според интервентен републички закон за пензионирање. Во периодот 1969−1985 год. одржува предавања по предметите општа сеизмологија и инженерска сеизмологија на меѓународните постдипломски студии при Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје. Општа сеизмологија предава и на Меѓународниот курс за асеизмички конструкции за кандидати од земјите во развој (CADAC) при истиот институт. Од 1986 год. до 1990 год. држи предавања по предметот физика на земјотресното жариште на постипломските студии во Геофизичкиот завод „Андрија Мохоровичиќ“ при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб. Бил ментор на домашни и на странски магистранти и докторанди по сеизмологија. Неговата научна и стручна активност ги допира сите предмети на сеизмологијата, како и други области од физиката на внатрешност на Земјата и од целата геофизика. Тој се јавува како основоположник на теоретската сеизмологија и на сеизмолошката служба во Република Македонија. Учествувал во 5 меѓународни научни проекти, бил водител на 6 републички научни проекти. Самостојно или како коавтор, објавил 64 научни трудови. Во самостојно авторство или во коавторство, објавил и 56 трудови по апликативни проекти, а изработил и околу 70 други стручни трудови. Бил член на Меѓународната асоцијација за сеизмологија (IAS) и на Европската комисија за сеизмологија (ESC), делегат во Заедницата за сезмологија на СФРЈ, член на Друштвото на физичарите на Македонија и на Здружението на сеизмолозите во Македонија. Членувал во уредувачкиот одбор на угледното списание „Acta Seismologica Iugoslavica“ од 1971 год. до 1991 год. (одговорен уредник од 1979 год. до 1986 год.). Бил и одговорен уредник на списанието „Повремени изданија на Сеизмолошката станица во Скопје“ (1965−1967 год.), како и еден од уредниците на „Каталогот на земјотресите на балканскиот регион во периодот од 1901−1970 год.“. За својата научна и стручна работа има добиено: „Награда '13 Ноември' на Град Скопје“ за наука (1966 год., за решението на механизмот на жариштето на скопскиот земјотрес од 26.07.1963 год.), „Орден на трудот со златен венец од претседателот на СФРЈ“ (1979 год.), „Орден заслуги за народ со сребрени зраци од Претседателството на СФРЈ“ (1989 год.), „Плакета на Универзитетот 'Кирил и Методиј'” (1984 год.), „Благодарница со плакета 'Андрија Мохоровичиќ' на Заедницата за сеизмологија на СФРЈ“ (1986 година).