д-р Вера Чајковска, родена на 16 септември 1954г. во Скопје, доктор на физички науки, виш научен соработник, раководела од 15 септември 2011 до 1 јули 2016 г. Основно училиште и гимназија завршила во Кавадарци. Во 1979 год. дипломирала применета физика на Факултетот за физика во Скопје. Во 1990 год., на Геофизичкиот завод „Андрија Мохоровичиќ“ при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, завршила постдипломски студии од физика на внатрешноста на Земјата. Во 2005 год. се стекнала со титулата доктор на физички науки при Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје, со одбраната на докторската дисертација „Примена на сеизмичкиот момент во истражувањето на земјотресните жаришта во Република Македонија“ (под менторство на д р Драган Хаџиевски). Во 1980 год. се вработила како приправник-помлад асистент во Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, за да во 1982 год. биде избрана за помлад асистент, во 1991 год. Биде избрана за асистент, во 2002 год. − за виш стручен соработник, во 2008 год. − за насловен доцент, а во 2013 год. − за виш научен соработник. Од учебната 2012/2013 година е одговорен наставник по седум предмети на студиската програма геофизика. Учествувала и во наставата на меѓународните постдипломски студии и Меѓународниот курс за асеизмички конструкции за кандидати од земјите во развој (CADAC) ИЗИИС во Скопје. Учествува и во повремената настава по сеизмологија што Опсерваторијата ја изведува за студенти и ученици. Нејзините главни научни интереси се физиката на сеизмички извори, параметрите на сеизмичност, сеизмотектониката и макросеизмиката. Учествувала во 5 меѓународни научни проекти, во 4 национални научни проекти (водител на еден) и во 7 апликативни проекти (водител на три). Како автор или коавтор, објавила 33 научни трудови, презентирала орално или постерски 13 научни трудови на собири со меѓународен уредувачки одбор, а во зборници од вакви собири објавила апстракти на 8 научни трудови. Самостојно или во коавторство, објавила околу 30 стручни трудови и изработила околу 100 други научни и стручни трудови. Покрај ова, автор е на околу 80 одредници од геофизиката за „МИ АН-овата енциклопедија – општа и македонска“ (Скопје, МИ АН, 2006), како и на два прашалника за осетеност на земјотресите, кои се во официјална употреба од страна на Опсерваторијата. Имала неколкунеделна обука по палеосеизмологија при Европскиот центар за геодинамика и сеизмологија (ECGS) во Луксембург, како и едномесечен научен престој во Западната служба за сеизмичка опасност на Ерменија. Учествувала во неколку меѓународни научни работилници, во организацијата на една ваква работилница (Охрид, 2011 год.), како и во уредувањето на неколку стручни изданија на македонски. Член е на Друштвото на физичарите на Македонија. Била делегат во Заедницата за сезмологија на СФРЈ и член на Здружението на сеизмолозите во Македонија. Во периодот од 14.9.2011 год. до 14.9.2016 год. била раководител на Опсерваторијата. Лекторирала зборник трудови од меѓународна научна работилница на англиски јазик.