Едукативни предавања и обуки

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје е првата и единствена сеизмолошка инстуција која е задолжена и овластена за одржување на сеизмолошката мрежа, постојано набљудување и научна анализа на целокупната сеизмичка активност, одржување на соодветните архиви, објавување на податоци за сеизмичките појави - вклучувајќи го и известувањето на јавноста за осетените земјотреси, анализи за одредување на сеизмичкиот ризик како и постојано изработување и дополнување на картата на земјотресна реонизација на целата територија на Републиката но и меѓународна размена на податоци за случените земјотреси).

Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ е прв и единствен носител на образовните активности од областа на сеизмологијата што одржува предавања и обуки во рамките на основната и средношколската настава. Овие предавања се во насока на запознавање на земјотресот како природна појава, одговарање на основните прашања - зошто и како се случил земјотресот, кои се најсилните земјотреси кај нас и во светот, како да се заштитиме од земјотресот (пред, за време и после настанувањето на земјотресот), како и практични вежби за заштита од земјотресот.

Истовремено нашите посетители ќе ги осознаат и инструментите со кои се врши регистрација на земјотресите но, и начинот на работа на целокупната инструментална анализа за добивање на основните параметри на земјотресот (локација, длабочина, магнитуда, интензитет и механизам на жариштето на земјотресот).


© 2024. Сеизмолошка опсерваторија, ПМФ, УКИМ, Скопје.