![]() |
|
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е единствена институција во Република Македонија која врши сеизмолошка служба. Таа е организирана во пет одделенија: микросеизмика, макросеизмика, сеизмолошка инструментација, телеметрија и информатичка лабораторија. Со мрежа на аналогни и дигитални сеизмолошки станици, оваа опсерваторија систематски инструментално ја следи сеизмичката активност на територијата на Република Македонија и пограничните подрачја, а регистрира и земјотреси со различна јачина од целата Земјина топка. Инструменталните и макросеизмичките податоци се собираат, чуваат, анализираат и објавуваат во сеизмолошки билтени и каталози, во склопот на меѓународната размена на сеизмолошки податоци и за целите на науката, наставата и заштитата од дејството на земјотресите. Континуирано од нејзиното формирање во 1957 година, Сеизмолошката опсерваторија врши и научно истражувачка, наставна и применета дејност во областа на сеизмологијата и геофизиката.
Првата сеизмолошка станица на територијата на Република Македонија е пуштена во работа во 1955 година, а со потполна инсталација на сеизмолошките инструменти ја започна својата работа во 1957 година. По катастофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и со пуштањето во работа на сеизмолошките станици во Валандово (1966) и Охрид (1967), Сеизмолошката станица во Скопје прерасна во Опсерваторија.
Во 1992 година е започнато со реализирање на Програмата за развој и инсталирање на телеметриска мрежа на сеизмолошки станици во Република Македонија. Во 1994 е воспоставена првата телеметриска мрежа (Скопје, Охрид и Валандово) на дигитални телеметриски сеизмолошки станици, со што во склоп на опсерваторијата работат шест телеметриски дигитални станици.
Во рамките на научно-истражувачката активност Сеизмолошката опсерваторија учествувала во низа научно-истражувачки проекти, а исто така има објавено повеќе монографии, статии, трудови, како и ракописи собрани во фондот на опсерваторијата.
Во сеизмолошката опсерваторија нагледно и практично се одржуваат постојани предавања во рамките на средношколската настава, по барање на поедини училишта во Република Македонија, како и на постдипломските студии по земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје. Во стручните и научно-популарните списанија, Опсерваторијата постојано објавува и статии поврзани со основите и насоките на развој на сеизмологијата и едукативни цели за заштита од земјотресите.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ја остварува својата апликативна дејност во следните области: сеизмичко реонирање и микрореонирање; геологија; инженерска сеизмологија; просторен план; градежништво; прописи на асеизмичка градба; екологија, развој на софтвер за различни проблми во сеизмологијата. Учествува во реализацијата на низа научно-истражувачки проекти од меѓународен и регионален карактер,поврзани со сеизмолошките истражувања.
Сеизмолошка опсерваторија
П.фах 422, 91 000 Скопје, Република Македонија
тел: (091) 733 001, фах: (091) 733 002
Webmaster: webmaster@.seismobsko.pmf.ukim.edu.mk